Заразеното дете од струмичката градинка не ги затвори останатите дома


Заразеното дете од струмичката градинка не ги затвори останатите дома - МИА

Струмица, 18 септември 2020 () – Околу 20 отсто од вкупниот број на деца, кои се згрижени во шесте клонови на градинката „Детска радост“ од Струмица, денеска не биле донесени од нивните родители откако вчера беше регистриран првиот случај на заразено петгодишно дете со Ковид-19.


 

Според директорот Васил Бубев, се забележува мало отстуство на децата, но тоа во многу мал дел е предизвикано од вчерашниот случај.

-Можеби има нешто, но по сите анализи ние дојдовме до заклучок дека во периодот во кој се наоѓаме сега, почеток на градинката, како и секоја година кога се почнува, ова е период на прилагодување на самите дечиња и јас мислам дека родителите ги имаат задржано децата дома токму од таа причина дека е период на прилагодување и веројатно, еве, следува викенд, па нашле начин да им бидат децата дома покрај нив, рече Бубев.

Додаде дека по вчерашниот случај 11 деца и тројца вработени се во изолација, но потенцираше дека детето не е заразено во градинката, туку од член на семејството и од понеделникот не доаѓало во градинка.

Тој истакна дека дека градинката продолжува да работи според утврдените протоколи и прописи. цр