Во Здравствен дом во Велес веќе трети ден непречено се одвива бесплатната вакцинација против сезонски грип


Во ЈЗУ Здравствен дом Велес до денес против сезонски грип вакцинирани се 300 граѓани од категориите пензионери над 65 години, хронични болни, бремени жени, здравствени работници и деца од 6 месеци до 5 години.



Како што информира за МИА, д-р Пандели Божиков од службата за вакцинирање на ЈЗУ Здравствен дом, вакцинирањето се одвива без проблеми и исклучиво преку упат за Мој термин издаден од Матичните доктори. Вакцинирањето се изведува во посебна амбуланта.

-Најголем дел од вакцинираните се постари лица над 65 години и хронични болни, а вакцинирани се и здравствените работници и во помал број бремени жени и мали деца, информира д-р Божиков.

Тој најави дека вакцинирањето ќе продолжи и во наредната недела за што очекуваат нови пратки на вакцини против сезонски грип.

-Вакцинирањето е со проверена француска четиривалентна вакцина, два типа од Тип А и два типа од тип Б,информира Божиков.

Освен од Општина  Велес со бесплатна вакцина против сезонски грип се опфатени и жители од Општините Градско и Чашка.

Во ЈЗУ  Центар за јавно здравје Велес  се уште не е почнато комерцијалното вакцинирање против сезонски грип.

Како што информира за МИА Анастасија Иванова  директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес, очекуваа комерцијални вакцини да добијат до крајот на месецов или на почетокот на декември.