Во Штип отворена новата градинка „Виножито“


Во најголемата штипска населба Сењак денеска свечено беше пуштена новата  градинка „Виножито“, која како клон ќе функционира во рамките на градинката „Астибо“.



На свеченото отворање присуствува и министрите за внатрешни работи и за локална самоуправа, Оливер Спасовски и Горан Милевски.

Градоначалникот на Штип Благој Бочварски истакна дека градинката која се простира на над 1.600 метри квадратни е инвестиција од речиси 1 милион евра, а го решава проблемот со прием на деца во градинките во Штип.

-Успеваме да заокружиме еден многу значаен проект,  сериозен и по инвестиција, и по капацитет, но и сериозен градежен зафат како објект, во  вредност  од 60 милиони денари, во којшто учество зедоа Општина Штип, Министерството за локална самоуправа и Министерството за труд и социјална политика. Денеска го заокружуваме овој објект со капацитет за 200 дечиња, рече Бочварски.

Министерот за локална самоуправа Милевски рече дека од вкупниот буџет за оваа градинка, најголемата инвестиција е на Општина Штип,  37, 7 милиони денари, додека  Министерството за локална самоуправа проектот го поддржа со околу 16 милиони денари, а Министерството за труд и социјална политика инвестираше околу седум милиони денари во целосно опремување на градинката.

–Веруваме дека денеска е радост за децата, за родителите и за вработените во градинката „Виножито“ во Штип. Секогаш треба да се грижиме за идните генерации во нашата земја, да им овозможиме на децата среќно детство. Министерството за локална самоуправа и во 2020 година ќе продолжи да креира јасни политики за граѓаните и општините, сите заедно да имаме подобар и удобен живот, рече Милевски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека ова е инвестиција во иднината и во најмалите.

-Навистина е задоволство кога ќе видите дека даночните средства од даночните обврзници на Штип, на Македонија, ги вложуваме навистина во проекти, коишто се пред се во образование, проекти за заштита на децата и проекти што генерално значат развој на државата преку вложување во децата како наша иднина, рече Спасовски.