Во Ресен одбележан Денот на екологијата со расчистување на отпад од паркот на природата „Езерани“ во Преспа



Во Ресен одбележан Денот на екологијата со расчистување на отпад од паркот на природата „Езерани“ во Преспа - МИА

Ресен, 14 септември 2020 () – Општина Ресен, Македонско еколошко друштво – МЕД и ЈКП Пролетер-Ресен, по повод Денот на екологијата, организираа акција за чистење на Паркот на природата „Езерани“ во Преспа.


 

Организаторите информираат дека акцијата е иницирана од музичката група „Реприза“-Ресен чии членови објавиле песна за еко активизам, насловена како „Засукај ракави“ и со која повикуваат за чистење на отпад.

-Оваа акција ја организираме за да се види која е суштината на мотото „Засукај Ракави“. Со ова мото не значи дека треба еднаш во годината да се направи акција на која ќе броиме колку вреќи ѓубре сме собрале, напротив, нашите ракави треба да останат засукани во текот на целата година и на денот на екологијата, да славиме затоа што планетата ни е чиста. Ние „Реприза“ веруваме дека секој човек може да се подобри, се нагласува со соопштение до јавноста.

Паркот на природата „Езерани“ е едно од најзначајните места за птиците во Европа каде може да се сретнат дури 42 отсто од европските видови птици, информираат од МЕД според кои Денот на екологијата се одбележува за да промовира активности кои ја поврзуваат екологијата како наука и општеството со цел креирање на основни услови за одржлив развој и зачувување на животната средина.