– Со пригодна свеченост и програма во организација на Општина Крива Паланка и институциите од областа на културата во општината, денеска свечено беше одбележан јубилејот 120 години Илинден.
Официјалната програма отпочна со интонирање на државната химна, по што бројни делегации положија цвеќе на споменикот на паднатите борци од Народноослободителната борба, а пред присутните говореше претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска.
– И првите илинденци од 1903 и вторите, од 1944 се бореа за иднината, не за минатото и затоа сите ние денес, заедно, сме деца на Илинден, затоа што нашата политичка иницијатива е борба за иднината.
Илинден е симбол за нашето славно минато, затоа што Илинденците се бореа за нашата светла иднина. Наша патриотска должност е да го следиме победничкиот стремеж на илинденците од 1944, исто како што тие го следеа борбениот стремеж на илинденците од 1903 – стремежот за светла иднина на македонската Република и сите нејзините граѓани.Илинден е нашата државност и нашата гордост и празник. Илинден е нашиот македонски јазик, Илинден е нашата државна химна, рече Павловска.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, честитајќи го големиот национален празник порача дека Илинден е паметник на непокорот, светилник на патот кон посветло утре.
-2 Август е симбол на гордоста наша, на Македонците, смелоста на револуционерите и асномците – темелници на татковината, што до ден денешен нѐ води кон европските перспективи и иднината.Честит и вековит Илинден, напиша Митовски.
Чествувањето беше збогатено со рецитал “120 години Илинден” подготвен од страна на младиот Лукас Стојчевски, ученик од ООУ “Илинден”, подрачно училиште во село Конопница, во изведба на неговите соученици, под менторство на професорката по македонски јазик, Дијана Илиевска.