Во Крива Паланка се одржуваат работилници за млади на тема туризам како здравствена превенција


Во Крива Паланка се одржуваат работилници за млади на тема туризам како здравствена превенција - МИА

Крива Паланка, 23 септември 2020 () – Од денеска до 29 септември во пет последователни сесии работилници, младите од Крива Паланка ќе се обучуваат на тема „Туризам како здравствена превенција“.

 

 

Петдневната обука што се реализира во спортската сала „Бранители 2001“ во Крива Паланка е дел од проектот „Младите од Бугарија и Северна Македонија заедно за туризам како здравствена превенција” што го имплементираат Североисточниот плански регион од земјава заедно со Фондацијата „Профилактика за здравје” од Благоевград, Република Бугарија, во рамки на ИНТЕРРЕГ – ИПА програмата на Европската унија за прекугранична соработка меѓу двете држави.

– Во рамки на работилниците и младите од Крива Паланка во работилници по групи од под десетина деца на возраст од 7 до 19 години ќе се запознаат со важноста и поврзаноста на здравствената превенција и туризмот во нашиот Североисточен плански регион, како и во Благоевградската област, Р. Бугарија. По запознавање со целите на проектот се спроведува квиз со цел запознавање со апсорпцијата на информации од страна на присутните добиени за целите на проектот, по што ќе следи претставување на карактеристичните природни географски фактори на Североисточниот плански регион (СИПР), минерални извори и терапевтско дејство, а ќе бидат презентирани и природните географски фактори во Благоевградската област со минерални извори и нивно терапевтско дејство, изјави Младен Протиќ, раководител на СИПР.

Младите во завршниот дел од работилниците ќе работат и практични активности, а ќе направат и подготовка на туристички рути заради превенција на здравјето и здравствен туризам за двата региони од двете држави, по што ќе следи и приоретизација на предложените рути.

Проектот има за цел развој на туристичките капацитети во двата региони за унапредување на здравјето и соработката на младите и лицата со посебни потреби.

Досега со проектните активности изградени се фитнес зона на отворено и мини-голф терен во кејот на Крива Река во Крива Паланка, а во Благоевград е воспоставен здравствен и туристички центар за вмрежување што ќе обезбеди бесплатни здравствени услуги за младите и лицата со посебни потреби од двете општини и регионот. ид/