Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска во Министерството за транспорт и врски го потпиша договорот за реконструкција на улица „Гоце Делчев” со крак кон Дреначка маала со што ќе се овозможи поголема урбанизација и подобро сообраќајно поврзување на населбата „Единство”.
Проектот е во рамки на програмата за поддршка на имплементација на Декадата и Стратегијата на Ромите.
Вкупна вредност на инвестицијата е во висина од 5.191.882 денари, од кои со договорот од Министерството за транспорт и врски за овој проект се обезбедени 1.135.198, а останатите средства, 4.056.684 преку кофинансирање ќе се обезбедат од буџетот на Општина Крива Паланка.
-Со проектот се предвидени реконструкција и рехабилитација на улицата „Гоце Делчев“ со крак кон Дреначка маала со вкупна должина од 472 метри. Улицата „Гоце Делчев” се рехабилитира во должина од 80.5 метри и ширина од 8 метри, додека кракот кон Дреначка маала за кој се изработува реконструкција е со должина од 392 метри. Постоечката улица е асфалтирана со забележани видливи оштетувања на коловозот по целата должина и од тие причини е потребна целосна реконструкција. Широчината на кракот кон Дреначка маала е променлива, но воглавно е околу 3.5 метри. Со реализација на овој проект се обезбедува поголема урбанизација на населбата „Единство“ која доминантно е населена со Ромско население и истата се наоѓа во непосредна близина на централното градско подрачје на Општина Крива Паланка, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.
Проектот ќе овозможи комплетирање на сообраќајното поврзување на населбата „Единство“, доминантно населена со Ромско население, околу 95 отсто од вкупното Ромско население во општината живее токму во оваа населба.
Од општината посочија дека ќе се обезбеди подобра мобилност и поголема интеграција на Ромското население во општествените текови и урбана мобилност заедно со целокупното населние во градот.
Покрај останатите инвестиции кои општината веќе ги реализира во населбата, изградба на детски игралишта, уредување на улици, јавни површини и друго , со реализацијата на овој проект ќе се постигне и поголема урамнотеженост на инвестициите и урбанизацијата на населбата „Единство“ со другите делови од градот, а со тоа и унапредување на положбата на Ромското население во општината.