Во Кратово се одржа „Вечерен танц на куклите“


 На локалитетот Камени кукли во селото Куклица, Кратовско, викендов се одржа настанот насловен „Вечерен танц на куклите“, во организација на Здружението „Етно ризница“ од Куманово.
Настанот е традиционален и се одржува четврти пат.
-И годинава манифестацијата „Танц на куклите“ имаше интересна програма, со Сашо Ливрински, Александра Коцевска, мецосопран, Петар Колевски на кларинет и Билјана Петровска, пијано. Сите, покрај останатиот репертоар, премиерно ја изведоа и преработката на познатата кратовска песна „Моме седи на пенџере“, преработена во класичен аранжман од страна на Ливрински, изјави Драган Јакимовски, претседател на Здружението „Етно ризница“.
Тој информира дека Здружението работи на зачувување и негување на културното наследство од овој регион.
– Го негуваме културното наследство од регионот и го преработуваме автентично на начин да биде достапно до идните генерации. Се трудиме да придонесеме кон заживување на руралниот туризам на начин што организираме културни манифестации на алтернативни локации погодни за културен, селски, рурален туризам и афирмирање на локалитетот Камени кукли, како и негово доближување до поширок круг консументи на туризмот, додаде Јакимовски.
Алармира дека локалитетот може многу подобро да се промовира и менаџира и истакна дека како Здружение се отворени за соработка со локалните власти со цел што поголема промоција и заживување на овој препознатлив културен бренд на Кратово.