Во Кочани се одржа втората урбана „Rotary run“ трка

rotary run trka
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Над 270 натпреварувачи од повеќе градови во државата учествуваа на втората урбана „Rotary run“ трка што денеска се одржа во Кочани, а чиј организатор беше Ротари клубот Кочани – Виница.

Се трчаше по улиците во централното градско подрачје на Кочани, на патеки со должина од 10,5 и 2,5 километри, во женска и машка конкуренција, како и во категоријата Family run.


Првото место на 10 километри во женска конкуренција го освои Тамара Јолевска Попов од атлетскиот клуб „Атомик“ од Скопје, која е минатогодишна државна првенка во маратон. Златниот медал и првото место во машка конкуренција му припадна на маратонецот Дарио Ивановски, кој е најдобар македонски атлетичар, двократен балкански шампион и кандидат за учество на Олимписките игри 2024 во Париз.

Патеката од пет километри најбрзо ја истрчаа Анастасија Христова во женска и Григорио Никовски во машка конкуренција. Во категоријата Family run признанија им беа доделени на Николчо Костадинов и Панче Саздов кои трчаа со своите семејства.

-Задоволни сме од интересот за учество и од квалитетот на натпреварувачите на годинашната трка, со што ја исполнуваме нашата основна цел за промовирање на здравиот начин на живеење, зачувување на животната средина и избегнување на користењето моторни возила колку што е можно. Имавме учесници од најразлични возрасти, од кои најголем дел беа млади, со што се остварува замислата да ги поттикнеме помладите да рекреираат и спортуваат, дека може и треба да се живее здраво, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот Кочани- Виница.

Најдобрите тројца натпреварувачи во секоја категорија, освен медали и признанија, добија и парични награди. Поддршка во организацијата на трката дадоа Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, Фондацијата за локален развој од Штип и дваесетина приватни компании од регионот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK