Во гостиварските средни училишта за распустот се работи на подобрање на условите за настава


– Периодот додека наставниците и учениците се на зимски распуст, управите на две средни училишта во Гостивар го искористија за вложувања во опрема и подобрување на условите за работа. Деновиве се ставени во функција нови кабинети за практична настава, библиотеки, канцеларии и обезбедни се нови училници во средното медицинско и гимназијата.


 

Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари со соработниците при посетата на Општинското средно училиште посочи дека изминатиов период со Министерството за образование и наука воспоставиле соработка и очекува да се реализираат инвестиции, меѓу кои како позначајна ја истакна поправката на покривот на основното училиште во селото Чегране.

Во гимназијата деновиве се работело интензивно на опремување нова конференциска сала која е целосно опремена и ставена во функција. Подобрено е осветувањето со лед светилки и поправени се оштетените подови. Директорот на гостиварската гимназија, Мирсад Исеини, истакна дека подновувањата се реализирани со помош на донации и општината. Тој се заблагодари на сите кои дадоа финансиски придонес за создавање подобри услови за работа во училиштето. Исени најави дека годинава ќе следуваат и други инвестиции, меѓу кои се опремување на четири нови кабинети и реновирање на санитарните јазли.

Зимскиот распуст беше искористен и за подновување и во средното медицинско училиште. Вчера беа промовирани новите кабинети за практична настава, библиотеката и канцелариите за наставниците и педагошката служба. Градоначалникот Таравари изрази задоволство од сработеното, нагласувајќи дека со исклучителниот ангажман на директорот Елбаш Абази, оваа образовна институција доби целосно нов изглед. Просторните проблеми за изведување настава конечно се решија со постигнатиот договор со раководството на средното економско училиште. Наскоро, медицинарите ќе следат настава во шест училници од економското.

Директорот Абази напомена дека проблем и натаму се учебниците, бидејќи, како што рече, од МОН сè уште не ги добиле иако тоа им било ветено пред три месеци и принудени се да се служат со фотокопирани материјали.

Од секторот за образование информираа дека и покрај барањето на училишните управи, наставата во гостиварската општина да се изведува со физичко присуство, таа сепак од 21 јануари ќе продолжи со онлајн-предавања.