Во Берово објавен повикот за доделување општински награди и признанија


Берово, 21 јули 2020 () – Во Берово е распишан конкурсот за доделување општински награди и признанија, како и награда за почесен граѓанин на општината. Наградите се доделуваат по повод „23 Август – Денот на Општина Берово“, а на јавниот конкурс, како што информираа од ЕЛС Берово, можат да се пријават граѓани за постигнати исклучителни заслуги и афирмација на општината во Европа и светот.


 

-Ги охрабруваме и повикуваме сите физички и правни лица да се номинираат или да номинираат друго физичко лице за кое сметаат дека има остварено посебен придонес во развојот на општествениот живот во Берово, во стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитанието и образованието, како и за особени достигнувања во заштитата и унапредување на животната средина и природата, истакнаа од Општината.

Пријавите ќе важат и за исклучителни заслуги за развој на туризмот и угостителството, социјалната заштита, како и во други области на трудот и творештвото од значење за развојот на Општина Берово и нејзина афирмација во државата и светот.

-Наградите за најзаслужните граѓани ќе бидат доделени на Денот на Општина Берово „23-ти Август“. По тој повод се предвидени неколку активности, меѓу кои и свечена седница на Советот на Општина Берово, додадоа од Општината.

Јавниот конкурс е отворен до 31 јули 2020 година до 15:00 часот, а подетални информации за критериумите за пријавување се објавени на општинската веб-страница.