Во Берово објавен е јавен повик за корисници на услуги од проектот „Социјални услуги за еднакви можности“. Јавниот повик се однесува за повозрасната категорија граѓани на кои ќе им биде пружена соодветна услуга како дел од проектот Општинско-корисна работа.
-Се повикуваат сите заинтересирани граѓани од следните категории: стари, осамени и изнемоштени лица, хронични болни лица, кои се заинтересирани да се вклучат во програмата Општинско-корисна работа, проект „Социјални услуги за еднакви можности“. Во овој проект тие можат да се вклучат како „крајни корисници“, односно да бидат корисници на услуга – организирана посета од страна на обучени лица за помош и нега во домашни услови за што е потребно да поднесат Пријава за учество, информираа од Општината.
Работните активности кои се предвидени со проектот „Социјални услуги за еднакви можности“, како што додадоа од Општина Берово, предвидуваат социјална заштита и вклученост на стари/изнемоштени лица, односно лицата кои се во ризик, стари и сами лица. Исто така со повикот ќе бидат опфатени лица со тешка здравствена состојба за кои нема кој да се грижи, да ги посетуваат патролни работници кои ќе бидат постојано во контакт за секојдневно следење на нивната здравствена и социјална состојба и поддршка на нивните секојдневни активности.
-Се предвидуваат, но не ограничуваат: Услуги од основен пакет на медицинска заштита (мерење на крвен притисок, шеќер во крвта и др.) Консултации со матичен доктор и набавка на лекови на дневна основа. Помош при движење и заеднички прошетки. Набавка на продукти за исхрана и други потреби во домаќинството. Приготвување на топол оброк/напиток. Поддршка во одржување на хигиената во домот на крајниот корисник. Вршење на поситни работи во домаќинството (миење садови, внесување дрва за огрев и сл.). Плаќање на сметки и Достава на храна, додадоа од Општината.
Пријава за учество во проектот „Социјални услуги за еднакви можности“ крајните корисници (или во нивно име друго лице) можат да поднесат во Општина Берово, во канцеларијата на Локален економски развој кај лицето Ѓорѓи Пеовски, кој е Општински координатор за Програмата Општинско-корисна работа, најдоцна до 26.06.2023 година.
Изборот на пријавените кандидати – крајни корисници ќе биде извршен во консултации со матичните доктори и претставници од МТСП, ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Берово, АВРСМ ЦВ Берово и Општинска Комиси за следење на проектот.
Проектот „Социјални услуги за еднакви можности“ ќе се имплементира на територија во општина Берово за грижа и нега, односно лицата кои се во ризик во времетраење од 9 месеци. Детални информации за Јавниот повик можат да се добијат на веб-страницата на Општина Берово.