Во Берово одржана консултативна работилница за приоритетните сектори и мерки за адаптација и ублажување на климатските промени. Активноста се реализира во рамките на процесот за изработка на Планот за одржлива клима и енергија, на Општина Берово.
Во рамките на целиот процес како што информираа од Општината предвидена е анализа на ранливоста од аспект на климатски промени, можните сценарија на подолг период и мерките за заштита.
– Стручни експерти, професори, вршат презентација на резултатите од процената на климатските ризици и ранливоста на Општина Берово, за секторите водни ресурси, шумарство, земјоделие, здравство и економски развој. Тоа му претходи на процесот на изработка на стратегијата, на што работи експертски тим и е во рамки на меѓународната методологија, поддржано од Европската унија и ГТЗ, информираа од Општина Берово.
Во рамки на ефективната дискусија присутните се вклучија со свои издржани предлози, споделувајќи информации и искуства, кои во иднина ќе бидат разработени во планот. Дел од мерките и предлозите беа насочени кон подигање на јавната свест за чување на животната средина и одржливо користење на природните ресурси со кои располага општината.
На работилницата учествуваше и градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски кој изрази благодарност до ГИЗ за вклученоста на Берово во овој процес, кој се реализира заедно со општините Куманово и Скопје.
Откако граѓаните ќе го истакнат своето мислење на приоритети, во следниот период како што беше напоменато на денешниот настан ќе се финализира Акциски план за климатски промени и енергија на Општина Берово.