Спомен-куќата во која е роден поетот и револуционер Коста Солев Рацин во Велес утре организира Отворен ден под наслов „На гости кај Рацин“, при што од 8 до 22 часот ќе биде отворена за посетителите, а влезот за сите е бесплатен, информираат од Општина Велес.
За гостите е обезбеден и водич кустос од Народниот музеј од Велес, кој преку обиколката на родната куќа на Рацин ќе ги запознае посетителите со неговиот живот и творештво, а во позадина ќе се емитуваат негови стихови од „Бели Мугри“.
Народниот музеј настанот го организира во соработка со Општина Велес.
Во приземјето на куќата ќе може да се види грнчарската работилница каде грнчарски производи правеле Рацин и членови од неговото семејство. На катот е дневната и собата на Рацин, а изложени се и предмети, документи и фотографии на поетот. На таванот е просторијата каде навечер на газиена ламба своите стихови и други трудови ги пишувал Рацин до доцна во ноќта.
Инаку, со Отворениот ден во куќата на Рацин воедно започнува годинашната програма на 60-те јубилејни Рацинови средби, кои годинава се под слоганот „Рацин – без компромис“, а ќе се одржат од 9 до 15 јуни со богата програма.
Инаку, Спомен-куќата на Рацин е отворена во текот на целата година, а најмногу ја посетуваат ученици организирано преку ученички екскурзии и бројни туристи на поминување низ Велес, како и бројни странски делегации и гости на Општина Велес. Таа е најпосетена за време на Рациновите и Детските рацинови средби.