Тетовско Сараќино и со новиот водоснабдителен систем има проблеми во водоснабдувањето

sarakino
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Жителите на тетовско Сараќино посочуваат дека и покрај новиот водоснабдителен систем што беше пуштен во употреба пред помалку од еден месец, повторно се соочуваат со проблеми во водоснабдувањето. Според нив, вода или има во изобилие или имаат целосен прекин од по неколку дена. Надлежните велат дека проблемот е во тоа што новата пумпна станица влече вода од подземни извори, па системот исклучува поради зголемената потрошувачка.

– Водоснабдувањето не е редовно. Може една недела да имаме, два дена да немаме, а може и две недели да немаме, може после да има во изобилство. Затоа не сме сигурни за квалитетот на водата. Јас често се јавувам и имам многу поплаки за градоначалникот на општината, порача жителка на Сараќино.


Од работната единица „Водовод и канализација“ при Јавно комунално претпријатие „Тетово“ велат дека проблемот е во тоа што новата пумпна станица влече вода од подземни извори, па системот исклучува поради зголемената потрошувачка.

– Проблемот е во големата потрошувачка поради која системот се загрева. Ние мора да го рестартираме. Правиме обиди да не се загрева системот, но не би имало проблеми доколку рационално се користи водата само за пиење. Сега кога има повеќе вода се користи и за наводнување и затоа се јавува проблемот. Апелираме за рационално користење на водата, изјави Љуљзим Шаќири, раководител на работната единица „Водовод и канализација“

Новата пумпна станица за снабдување на Фалише и Сараќино беше пуштена на 12 јули. До градбата на оваа станица дојде со оглед на децениските проблеми со водоснабдување во овие две села поради дотраениот водоснабдувачки систем, со кој вода се обезбедуваше од Палчиште. Во февруари годинава се појави дефект поради кој со недели немаше вода, па Општина Тетово се одлучи на подолготрајно решение. Новиот систем обезбедува 20 литри вода во секунда.

Пумпната станица има две бушотини, од кои едната е од пред 15-тина години со пет литри вода во секунда, а втората е нова која сега се направи и обезбедува 15 литри вода во секунда.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK