Од почетокот на наредната недела започнува градежен бум во Свети Николе, најави градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев. Посочи дела со реконструкција на улици и патишта, уредување на детски игралишта со нови содржини како и реконструкција на улицата во индустриската зона ќе се подобри квалитетот за живот на граѓаните во Свети Николе и околните села.
-Со реализација на улицата во село Амзабегово, ќе почне и со работа на асфалтирање на улица во село Пеширово. Паралелно се работи за изградба на детски катчиња, односно на сите маалски игралишта во Општина Свети Николе и по селата ќе има нови содржини, со нови лулашки, кантички, клупички. Потоа продолжува со индустриската зона“ – вели Владев.
Забележа дека ќе се работи и на доуредување на паркот како и на кејот покрај реката, а ќе се зголеми и бројот на паркинг места во општината. Владев најави дека ќе се работи и инвестира и во спортот. По долги години село Мустафино во 21 век ќе добие модерна канализација. Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски кој денеска беше во Свети Николе истакна дека Општина Свети Николе е една од најдобрите во Македонија со оглед на големината на општината и буџетот со кој располага.
-Ме радува што во следниот период ќе се работи на речното корито како и на патеката, а доста се инвестира и во руралните средини. Се работи за еден голем градежен бум и Општина Свети Николе е една од најдобрите во Македонија, вели Николоски.
Градоначалникот на Свети Николе, Владев потенцираше дека новата населба во Свети Николе ќе биде модерна, градена по модерни стандарди, за квалитетот гарантира, а се надева дека граѓаните ќе бидат задоволни.