Советот на Општина Тетово усвои детални урбанистички планови кои беа двапати одложувани


Советот на Општина Тетово усвои детални урбанистички планови кои беа двапати одложувани - МИА

Тетово, 31 август 2020 () – Советот на Општина Тетово по две одложувања ги усвои деталните урбанистички планови за Урбан блок бр.57 и Урбан блок бр. 8 за кои имаше реакции на дел од советниците со оглед дека со нивна измена се предвидуваа градење на нови комплекси со згради на местото на поранешната фабрика ШИК Јелак и кај стариот градски стадион.



Претседателот на Советот Беким Мемети на новинарските прашања зошто сепак се изгласа оваа точка со оглед на негативните реакции на архитектите и стручната фела, како и воопшто на политичката и општествена јавност, одговори дека процедурата е спроведена во надлежните министерства.

– За тоа има одлука на Влада и одлука на министерство. Сè е документирано како што треба. Ако има нешто, треба да дадат одговор други надлежни луѓе. Ние како Совет се занимаваме дали е процедурално добро, се дискутираше, имаше можност секој да дискутира, да се поставуваат прашања, изјави Мемети.

Дел од 33-тата седница на Совет на општина Тетово беше верификација на мандатите на двајца нови советници. Во редовите на ВМРО-ДПМНЕ нов советник е Далибор Спасовски наместо Александар Велјановски кој стана пратеник. Кај Алијанса за Албанците нов член на Советот е Кујтим Рамадани откако Мимоза Муса даде оставка од лични причини односно заминување во странство.

Од останатите точки на Советот на дневен ред беа усвојувањата на годишните извештаи на училиштата и градинките, како и соодветните планови за работни места во тие установи.