Со предлог ДУП-от за Мал ринг зградите за домување се пренаменуваат за култура, нема галии и барокни фасади


Со предлог ДУП-от за Мал ринг зградите за домување се пренаменуваат за култура, нема галии и барокни фасади - МИА

Скопје, 22 јули 2020 () – Во делот од предложениот детален урбанистички план за Мал Ринг во Општина Центар што се презентира денеска секаде каде што имало неизградени споменици се бришат и на нивно место се предвидува зеленило. Секаде каде што имало згради со намена А2 за домување во претходниот план се пренанаменуваат за култура. Се што сметаме дека не треба да го  оптоварува  бројот на жители сега  го пренаменуваме, односно го даваме на државните институции како објекти што ќе се занимаваат со култура, рече на презентацијата градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.



Општина Центар, како што истакна Богдановиќ, ќе интервенира во деловите од планот за катната гаража кај собраниската зграда, т.н шпански скали и споменикот Мајка Тереза, откако ќе завршат судските процеси. Тоа, како што вели, не значи дека општината се откажала од отстранување на спорните делови поврзани со проектот Скопје 2014. По завршување на споровите, граѓаните ќе одлучат што сакаат да има таму,  јавни површини, плоштад…

За деловите од проектот „Скопје 2014“ има 29 постапки во обвинителството, а една е веќе донесена во корист на Општина Центар која по тој основ повратила 30 милиони денари.

-Сите постапки што ги преземавме во изминатиот период е повторно Општина Центар да го преземе управувањето  на државното неизградено земјиште односно сите почнати постапки во Мал ринг поврзани со  т.н проект „Скопје 2014“. Во изминатиот период се изнаслушав дека со овој план сакаме да легализираме делови од Скопје 2014, односно да го потврдиме. Проектот Скопје 2014 бил донесен и потврден со носењето на планот во 2012  односно со претходните планови. Со новиот предлог план што го предлага Општина Центар  се прави спротивното. Почнува  да се стопира и да се брише се она што не е започнато  во зацртаниот проект Скопје 2014, рече Богдановиќ.

Појаснувајќи го новиот план, информира дека ќе нема можност да се продолжи планираното градење во продолжение на објектот Теранова каде што се изградени тремовите во претходниот план. Се отсрануваат и целосно насоките од планот во 2012 година за тоа како треба да изгледаат  фасадите( барок, неокласицизам,….)  и се остава на самите институции, приватни или државни, да направат фасада како што ќе предложат тие или да ја вратат постоечката. Ако остане планот од 2012 година, како што укажа Богдановиќ, и неодамна распаднатата фасада на зградата на енергетската компанија МЕПСО  ќе мора да биде обновена во некој од предвидените стилови со планот од 2012 година.