Со Отворен ден во куќата на Рацин, во Велес почнаа 60. јубилејни Рацинови средби

racin-kukja
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со Отворен ден во Спомен -куќата на Коста Солев Рацин денеска во Велес почна програмата од 60-те јубилејни Рацинови средби. Бројни ученици беа во посета и можеа изворно да видат предмети и документи  од животот на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.

Најмногу се интересираа за грнчарското колце, за неговата машина за пишување, неговата соба, каде седел, каде пишувал до доцна во ноќта .Освен од велешките училишта и од Велешко, Спомен-куќата организирано со своите професори во текот на целиот ден  ја посетија  и ученици од приватното училиште „Нова“ од Скопје.


Спомен-куќата е отворена, а влезот е бесплатен за сите посетители до вечерва до 22 часот.

Александра Андреева од Општина Велес изјави дека нема подобро место во Велес како неговата родна куќа, каде живеел и творел Рацин и  од неговото родно  огниште да започнат годинашните јубилејни 60-ти  Рацинови средби.

Ангел Коруновски, директор на Народниот музеј, кој е организатор на првиот ден од средбите, потенцира дека денеска сме на гости кај Рацин. Идеја која, како што рече, одлично кореспондира со учениците кои се присутни во неговата Спомен-куќа.

-Рацин е Балканска Лорка икона на градот со која се гордееме, потенцира Коруновски.

Тој појасни дека освен што можат да ги видат собите на куќата на Солеви, предмети на Рацин и документи, посетителите имаат и можност да слушаат и аудио стихови од Рацин во изведба на актерите Сандра Станчевска и Кире Ацевски.

Во Спомен-куќата на Коста Солев Рацин вечер во 19 часот премиерно ќе биде прикажан видео материјалот што го изработи Народната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, во кој е прикажаното неговото творештво.

Рациновите средби со богата програма ќе траат до 15 јуни, кога на свеченото затворање вечерта  ќе бидат врачени Рациновото и Почесното Рациново признание за 2023 година. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK