Со два милиона денара ќе се решава децениски проблем на неготинчани, дел од градот што се полни при секој дожд, информираше градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов. Тој појасни дека се работи за проблем на просторот позади тунелот, до аптека Зегин, во строгиот центар на градот.
– При секое помало или поголемо невреме проследено со обилни врнежи од дожд, голем број сограѓани кои живеат на тој дел од градот се соочуваат со бројни проблеми, предизвикани од врнежите. На нивно барање, а со цел за решавање на овој децениски проблем, општина Неготино има порачано изработка на проектна задача, за долгорочно решавање на проблемот со собирањето на надојдените атмосферски води. Вредноста на проектот се очекува да изнесува околу 2.000.000 денари, средства обезбедени од буџетот на општината Неготино, соопшти Стојанов.
Тој нагласи дека континуирано ги следат потребите на жителите, како во урбаните, така и во руралните средини.