Се чисти левиот магистрален канал на хидросистемот „Брегалница“


Се чисти левиот магистрален канал на хидросистемот „Брегалница“ - МИА

Кочани, 12 јули 2019 () – Механизација и работници на Водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани го чистат левиот магистрален канал од хидросистемот, со што е овозможено наводнувањето на околу 500 хектари земјоделско земјиште во атарот на општините Виница и Зрновци.


 

Од подружницата информираа дека се отстрануваат натрупаните наноси од земја и обраснатата вегетација во коритото на бетонскиот канал, со што е обезбеден нормален проток на водата.

– По направениот увид во состојбата со каналот утврдивме дека е неопходно чистење по целата негова должина. Со тоа ќе се овозможат услови и за неопходните интервенции за негово санирање. Поголем дел од расчистувањето е завршено и оваа сезона ќе можеме да дистрибуираме вода за наводнување до површините на земјоделците од Истибања, Виница, Лески, Зрновци, Мородвис и дел од Видовиште. Механизацијата останува на терен и ќе продолжи со чистење во правец на селото Теранци, истакна Дени Митров, директор на водостопанската подружница „Брегалница“.

Изминатите години земјоделците од овој регион постојано реагираа што поради нефункционирањето на каналот не можеа да ги наводнуваат нивите. Главна причина што водостопанското претпријатие не ја пушташе водата беа големите оштетувања и негрижата тие соодветно да се санираат.

Левиот магистрален канал од хидросистемот „Брегалница“ е долг 36 километри и е проектиран да наводнува 2.000 хектари во целиот регион во подножјето на планината Плачковица.