Во организација на Европската куќа Крива Паланка реализирани се три работилници за фотографија и дигитална уметност за над педесетина млади луѓе од Североисточниот регион, од општините Куманово, Кратово и Крива Паланка.
-За сите млади визуелни раскажувачи и љубители на фотографијата од североисточниот регион понудивме одлична можност да се запознаат со малите техники на големите мајстори на фотографијата преку работилница за фотографија и дигитална уметност. Наидовме на исклучително голем интерес кај младите уште на првата работилница во Крива Паланка, која помина во високо продуктивна и позитивно компетитивна еуфорија. Желбата за стекнување нови вештини беше висока, а забавата исто така. И младите од Кратово ја открија својата креативност, градот на кулите и мостовите нѐ одушеви со своите фотогенични ќошиња кои носат потенцијал за објективот на младите, под менторство на искусни фотографи од регионот. Во Куманово денес ставивме крај на серијата работилници за фотографија и дигитални вештини низ регионот со кои во годината на вештини им понудивме на младите да се стекнат токму со ваков вид вештини, кои се сѐ повеќе актуелни и барани на пазарот, информираат од Европската куќа Крива Паланка.
Следна активност во организација на Европската куќа Крива Паланка е еднодневен камп на Калин Камен за одбележување на Денот на вештини кај младите, 14 јули, преку градење нови вештини.
На кампот ќе има катчиња за: меки вештини за комуникациски и лидерски способности, спорт и развој преку спортски активности, зелени вештини за зелена иднина, заштита на животната средина, шумите и биодиверзитетот и вештини за планинарење на убавиот Калин Камен.