Прв планинарски марш до вратничката месност Камче



Прв планинарски марш до вратничката месност Камче - МИА

Тетово, 21 август 2020 () – Здружението на жители Вратница викендов за прв пат, организираше марш до местото „Камче”, каде што во 1944 година се урна американскиот авион, при што дел од екипажот беше спасен од вратничани. Маршот претставува неколкучасовно планинарско пешачење до местото, а бил предводен од сертифициран планински водич.


 

-Целта на здружението е овој марш да биде од традиционален карактер, т.е. секоја година да се организира во последниот викенд од месец август. На овогодинешниот прв марш, од страна на организаторите, за сите учесници во маршот беа обезбедени заштитни маски, донирани од “Лиотекс-Вратница”, шише вода, едно пакување магнезиум и житни барови. По завршување на маршот, од страна на организаторите беа доделени пригодни награди за највозарасниот (77 години) и најмладиот учесник (9 години). Маршот беше професионално организиран, со сертифициран водач со UIMLA сертификат и двајца добро обучени планинари кои одлично ја познаваат конфигурацијата на теренот, информираат од месната заедница Вратница.

Оваа иницијатива имаше поддршка од американската амбасада во Македонија, а биле спроведени и неколку активности, за обележување на планинарска патека со сите пропратни технички елементи кои таа ги подразбира (маркирање, чистење на патеката, уредување на истата и сл.), како и изработка и дизајнирање на табли со информативна и едукативна содржина.

-Во целиот овој процес, најнапред беа одредени точни локации на информативните табли од кои, првата е поставена во центарот на Вратница, втората во туристиката локација Сенокос и третата на местото на падот на американскиот авион, посочуваат од Здружението.

Како дел од соработката со американската амбасада, поставени се два јарбола на локалните гробишта до спомен плочите на загинатите пилоти од американскиот воен авион кој паднал во 1944 година.

Во четвртокот Вратница и месноста Камче ги посети и амбасадорката на Америка во Македонија, Кејт Мари Брнз, која им оддаде почит на американските војници, учесниците во НОБ и сите жртви во Втората светска војна, а воедно оствари средба со претставниците на здружението на жители Вратница.