“Прогресот е возможен без поделби и со правично ресетирање на системот!”


Грантови во износ од петстотини евра за набавка на стоки и материјали за започнување и развој на посточеки бизниси ќе се потпомогнат земјоделски, занаетчиски и други дејности во три општини.



Со потпишување на договорите, денеска во Гостивар беше заокружено доделувањето на донација од економскиот пакет од проектот „Борба против ширењето и ублажување на најсериозните негативни последици од пандемијата Ковид-19 кај маргинализираните заедници на Западен Балкан“.

Проектот во Македонија го спроведува хуманитарно и добротворно здружение на Ромите – „Месечина“ од Гостивар, во соработка со десет партнерски организации во Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија.

– Иако требаше да ги заокружиме овие активности кон крајот на декември, од објективни причини рокот малку се оддолжи. Денеска потпишавме договори со 15 претставници на веќе постоечки мали и средни бизниси и лица кои сакаат да започнат со работа. Со грантот од по 500 евра ќе им се помогне да набават опрема и материјали за нивниот бизнис, рече Мухамед Точи, претседател на „Месечина“.

Тој посочи дека во рамки на овој проект беа ангажирани и педесетина волонтери кои претходно доставуваа хигиенски пакети и пакети со храна за социјално загрозени семејства во Гостивар, Кичево и Дебар.

На потпишувањето на договорите со корисниците присуствуваше и првиот човек на Општина Гостивар, Арбен Таравари и при тоа ја поздрави иницијативата.

– Во ова време на пандемијата и поголеми компании на светско ниво се соочуваат со криза. Ова што доаѓа како помош од соработката на Кер Интернешнл (CARE international) и Месечина е добредојдено. Помошта секако многу ќе им користи на малите и средни претпријатија кои се најмногу погодени од последиците од пандемијата, рече градоначалникот Таравари.