Екипи на ЈКП „Брегалница“ и на ТППЕ Делчево продолжуваат со интензивните работи за санирање на последиците од невремето коешто го зафати на Делчево на 8 јуни, информираа од Општина Делчево. Меѓу позначајните работи како што напоменаа оттаму се испумпувањето на вода од дворовите и подрумите во колективните и индивидуалните живеалишта.
– Изминативе денови ТППЕ Делчево вршеше испумпување вода од дворовите и подрумските простории во населба „Пролет“, во погоните на АД Фротирка-Компани, Фондот за здравство, на улица „Маршал Тито“, крак од булевар „Македонија, улиците „Рударска“, „Никола Карев“, „Кирил и Методиј“, „Григор Прличев“, „Крушевска“, „Индустриска“ и други објекти. Исто така, се вршеше прочистување на атмосферската и канализациската мрежа и перење на улиците „Маршал Тито“, „Царевоселска“. Интервенциите се вршеа со соодветна опрема и 12 пожарникари, истакнаа од Општината.
Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ како што додадоа учествуваше со две градежни машини, 2 трактори, камион и комунални возила.
– И тие интензивно работеа на расчистување на последиците од невремето. Екипите работеа на расчистување на наносите од камења, песок и кал, оспособување на патиштата за непречено одвивање на сообраќајот во населба „Пролет“, булевар „Македонија“, улица „Индустриска“, улица „Царевоселска“, улица „М. Тито“ и локалните патишта во село Габрово и село Полето, додадоа од Општината.
Во интервенцијата опфатени се сите зафатени објекти и улици од невремето, а дополнително екипи од водовод работеа на отстранување на 2 дефекти на водоводни линии, како и на испумпување на водата од поплавени објекти во населба „Пролет“, улица „Царевоселска“, Центар за дијализа и др. објекти.
Во моментот Комисија за процена на штетите на терен врши увид на пријавените штети од граѓани, а досега до Општина Делчево се пристигнати 95 пријави за штети од невремето.