Повторно функционира добиточниот пазар во Куманово

kumanovo
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По извесен период повторно е отворен за работа добиточниот пазар во кумановското село Долно Којнаре. На пазарот ќе се продава добиток, но не и свињи, соопштија денеска од ЈП „Пазаришта“ Куманово и од Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Подолг период добиточниот пазар беше затворен и не функционираме. Ветеринарната инспекција донесе решение да се затвори пазарот токму поради чумата која се појави кај свињите. Пред една недела почнавме да работиме и мислам дека сега е нормално, ги информираме и трговците, оние што чуваат добиток и јавноста дека од сабота почнавме со работа, изјави диреторот на ЈП „Пазаришта“, Гзим Кадриу.


Од АХВ информираат дека Агенцијата ќе ги повлече или ќе ги продолжи мерките за забрана за промет со сите видови животни која во моментов е на сила и важи за кумановскиот добиточен пазар во зависност од епидемиолошката состојба.

И Кадриу вели дека мерките сè уште се на сила, додавајќи дека само кумановскиот добиточен пазар од сите во државата бил затворен со решение.

Од АХВ дополнуваат дека на територијата на цела држава состојбата со болеста африканска чума кај свињите кај питомата популација е стабилна, односно засега, нема потврдено појава на нови случаи на заболени или угинати животни.

-Поради ова, дозволено е да се врши репопулација на свињарските фарми, но, по точно дефинирани услови коишто се пропишани со правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на африканската чума кај свињите, велат од АХВ.

Во државава, поради стабилната епидемиолошка состојба со болеста ниту во една општина не се спроведуваат заштитните и контролните мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите. Со последните добиени негативни резултати од спроведените лабораториски испитувања и извршените клинички прегледи, целата територија на земјава од крајот на минатиот месец е слободна од болеста кај питомата популација свињи. Од Агенцијата дополнуваат дека од почетокот на болеста во јануари до денес, одземени и нештетно уништени се вкупно 4.216 свињи од 460 одгледувалишта на територијата на целата држава. До Агенцијата за храна и ветеринарство пристигнати биле 493 барања за исплата на надомест за штета од скоро 44 милиони денари.

Производителите на свињи во кумановско во неколку наврати протестираа,  и не сакаа животните да се уништуваат. Состојбата со африканска чума се стабилизираше пред еден месец.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK