Поставена агрометеоролошка станица во Пробиштип


Поставена агрометеоролошка станица во Пробиштип - МИА

Штип, 26 август 2020 () – Во Општина Пробиштип е поставена агрометеоролошка станица за заштита на земјоделските култури и животната средина, информира денеска градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов.



Тој истакна дека оваа станица ќе им обезбеди информации на земјоделците за навремена заштита на земјоделските култури од атмосферските влијанија и ќе им даде можност да ги планираат сите агротехнички мерки што треба да ги преземаат во одреден период од годината.

– Уредите што ги содржат станиците ќе ги мерат температурата и влажноста на воздухот, брзината и правецот на ветерот, количината на врнежи, соларната радијација, влажноста на листовите на растенијата, како и температурата и влажноста на почвата. Во наредниот период ќе се изработи и веб-платформа преку која земјоделците ќе добиваат информации за можната појава на болести кај растенијата под влијание на временските услови, вели Анастасов.

Агрометеоролошката станица е обезбедена преку Програмата за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, а финансиран од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа. вдј/