Почна втората фаза од реконструкцијата на регионалниот пат од Кочани кон Пониква


Почна втората фаза од реконструкцијата на регионалниот пат од Кочани кон Пониква - МИА

Кочани, 20 јуни 2020 () – Со отстранување на стариот асфалтен слој, почнаа градежните работи од втората фаза за реконструкција и преасфалтирање на преостанатите 7,4 километри на патниот правец од Кочани кон туристичко-рекреативниот центар Пониква на Осоговските Планини.



За овој градежен зафат се наменети 41,6 милиони што ги обезбеди Јавното претпријатие за државни патишта, а изведувачот „Ескаватори МК“ треба да ја заврши рехабилитација на колoвозот за околу еден месец.

– Ги направивме сите напори и овој дел од патот да биде реконструиран, со што целосно решаваме едно од најзначајните инфраструктурни прашања за развој на туризмот. Проектот опфаќа нов асфалт, поставување рабници, сливници за атмосферската вода и еластични огради. Овој патен правец значи многу за развојот на Кочани и на целиот регион. Паралелно со ова, на Пониква веќе се реконструираат двата постоечки ски-лифта, а инвестираме и во нов планинарски дом и изградба на две велосипедски патеки од Кочани до Пониква. Тоа значи дека правиме сѐ да ги зголемите туристичките потенцијали и да придонесеме за побрз развој на регионот, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Во првата фаза, што се реализираше минатата година, беше реконструиран најоштетениот дел од патот со должина од 10,4 километри, на потегот од паркингот на Пониква кон Кочани. Исто така, беа реконструирани и 2,4 километри од улицата „Страшо Ербапче“ која води кон Пониква, на делницата од Кочани до клучката кај селото Бели.