Пандемијата со Ковид-19 ги затвори дуќаните на десет занаетчии во Гостиварско


Пандемијата со Ковид-19 ги затвори дуќаните на десет занаетчии во Гостиварско - МИА

Гостивар, 2 септември 2020 () – Намалениот обем на работа, полицискиот час и отсуството на печалбарите придонесоа да се затворат неколку дуќани. За половина година „клуч на врата“ ставија десетина, а според трендот и најавите бројката ќе се зголеми барем за три пати.



Влијанието на корона-кризата исто како врз повеќето бизниси во Гостиварско станува сè поизразено. Повеќето занаетчии се соочуваат со проблеми при работењето и опстојувањето. Во Регионалната занаетчиска комора ја следат состојбата и посочуваат дека нивните членови имаат тешкотии со финансиите.

Љуљзим Османи, првиот човек на Регионалната занаетчиска комора Гостивар, вели дека и покрај субвенционирањето на минималната плата и придонесите, занаетчиите тешко ќе ја надминат оваа состојба, а на многумина им е загрозен опстанокот. Османи потврдува дека во периодот од 31 март до 31 август биле затворени десет занаетчиски дуќани, меѓу кои и една од трите кои биле отворени за време на пандемијата.

– Занаетчиството во земјава се наоѓа во исклучително тешки услови. Досега во нашата комора за последниве пет месеци пријавено е дека престанале со работа десет занаетчии. Застрашува и податокот, доколку овој тренд со економијата продолжи, до крајот на годината ќе се затворат повеќе од триесет, вели Османи.

На удар од кризата предизвикана од пандемијата, со работа престанеле две фирми од градежниот сектор, двајца кројачи, два фризерски салони, еден бравар и една автоперална и електричари.

Како причина за затворањето Османи ја наведува и последицата од недоаѓањето на печалбарите. Тие годинава речиси и да не дојдоа преку летниот период, заради забраните кои се воведени на границите помеѓу државите.

– Кога не доаѓаат печалбарите во родниот крај, тогаш го нема и приливот на пари. Кај нас традиционално во овој период се прават свадби и други семејни веселби, а со нивното организирање се поврзани и многу занаети. Според најавите, пандемијата ќе трае до следната година, па затоа и апелираме до надлежните државни институции да поведат сметка и да не се прекинуваат мерките за поддршка и олеснување на бизнисите, вели Османи од Занаетчиската комора на Гостивар.