Отворен прв Центар за работно ориентирана рехабилитација за лица со попреченост во Струмица


– По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, социјалното претпријатие „Избор“ денеска во Струмица  го отвори првиот Центар за работно ориентирана рехабилитација за лица со попреченост.


 

Во Центарот се врши преработка и сушење зеленчук и овошје, а засега се вработени осум лица со попреченост.

На отворањето прусуствуваа министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер, заменик-претставничката на УНДП, Нарин Сахакијан и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Министерката Шахпаска истакна  лицата со попреченост претставуваат дел од нашите семејства, нашите роднини, пријатели, претставуваат дел од нашето општество.

– Кога говориме дека сакаме да изградиме едно општество за сите, тоа значи дека градиме општество кое создава услови и можности на сите граѓани да се вклучат во личниот и општествениот развој на еднакви основи, рече Шахпаска.

Додаде дека 15 отсто од популацијата се лица со попреченост, односно околу 300 илјади граѓани во нашата држава имаат некаков вид на попреченост. Таа потенцираше дека со носењето на социјалната реформа од страна на Министерството за труд и социјална политика, не само како законско решение, туку директно преку имплементирање, се овозможува вистинска инклузија на лицата со попреченост во општествените текови.

-Приказната што денес ја видовме во претпријатието „Избор“, претставува вистински пример како општествената заедница на локално ниво им овозможува на лицата со попреченост да бидат вклучени на пазарот на трудот. Со реализирањето на мерката за практикантство тие можат по завршената обука да се вработат, подвлече министерката Шахпаска.

Отворањето на Центарот за работно ориентирана рехабилитација за лица со попреченост е озвоможено со финансиска подршка на Швајцарската амбасада и УНДП.

Амбасадорката Зутер рече дека ова е вистинска бизнис-идеја која е исклучително иновативна и дека досега Швајцарија подрржувала многу такви проекти и идеи.

Сократ Манчев од „Избор“ истакна дека лицата кои работат во Центарот одлично се снаоѓаат во работниот процес и тука еднаквоста станува стандард.