Општина Виница ќе им исплати еднократна парична помош на сите запишани првачиња

vinica
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Општина Виница ќе им исплати еднократна парична помош од по три илјади денари на сите запишани првачиња во општинските основни училишта за претстојната учебна година, за што се обезбедени околу 340 илјади денари.

Одлука за исплата на средствата беше донесена на седница на Советот на Општина Виница, при усвојувањето на ребалансот на буџетот за оваа година.


– И во досегашниот буџет, а и со ребалансот има доволно средства за помош на учениците. Врз основа на анализите од досегашното работење и извршување на тековниот буџет се јави потреба од зголемување за четири милиони денари, со што ќе се зголемат расходите во повеќе програми и потпрограми што се од важност за граѓаните. Со ребалансот се обезбедува и еднократна парична помош за сите 113 првачиња во општината, за што ќе биде распишан јавен повик за поднесување на барања, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.

Во наредниот период ќе биде изготвен правилник за доделување на финансиската помош за учениците, по што родителите на првачињата ќе можат да ја поднесат соодветната документација.

Иницијативата за доделување еднократна парична помош беше поднесена пред Советот на Општина Виница уште пред една година, но тогаш не беа предвидени буџетски средства и одлуката се одложи за новата учебна година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK