Општина Василево се збратими со италијанската Понтенуре преку меморандум за соработка, кој го потпишаа градоначалниците Славе Андонов и Манола Групи.
Веста ја објави градоначалникот Андонов, кој истакна дека Василево е првата општина од Југоисточниот регион кој се збратимува со општина од Италија.
– Новите пријателства и воспоставени релации секогаш претставуваат нови можности за соработки и продлабочување на воспоставените комуникации. Токму ова денешно официјално збратимување со Понтенуре се темели на една таква иницијатива од пред една година поттикната од нашите Македонци кои живеат во Понтенуре, напиша Андонов.
Според него, во иднина двете општини ќе воспостават мостови за соработка во областа на културата, економијата, туризмот и спортот.
– Се надевам дека заедно ќе настапиме пред развојните европски фондови, кадешто треба да бидеме инвентивни при подготовка на нашите проекти, а намерата е во интерес на граѓаните од двете општини да се развие дијалог и да се зацврсти соработката. Да се разменуваат искуства и преку реализирање на заеднички активности и проекти , делувајќи во атмосфера на доверба и дух на солидарност да се придонесе за заеднички развој, додава градоначалникот на Василево.
Се очекува делегација од ова италијанска општина да дојде во возвратна посета на Општина Василево за да ги презентираат своите искуства во решавањето на проблемите на граѓаните, но и да се постават темелите на идните проекти со кои заеднички ќе се аплицира пред европските фондови.