Оштетените столбови на мостот на реката Пчиња во кумановското село, ќе се санираат со средства обезбедени преку проект. Општина Куманово аплицирала со два проекта до ЕУ, за санација на мостот во селото Пчиња и за изградба на мост во Довезенце, соопштија надлежните. Столбовите на мостот видно се оштетија при последните врнежи од дожд во регионот, по што Центарот за управување со кризи издаде соопштение за внимателно движење.
– Ние аплицираме на два проекта во ЕУ, едниот е за реконструкција на мостот на река Пчиња во село Пчиња и вториот е изградба на нов мост во село Довезенце преку Крива Река. Во моментов се аплицирани и чекаме одговор да видиме што ќе се случи. Општината нема финансиски капацитет, да го реши овој проблем, изјави претходно, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Тој потсети дека изминативе години, Општината платила за изработка на проект на санација на мостот, кој е траса од регионално значење и го поврзува Куманово со соседната општина Петровец. Инвестицијата како што кажа претходно, чини најмалку 300.000 евра.
Жителите на Пчиња во неколку наврати реагираа за мостот, стравувајќи да не останат отсечени не само тие, туку и жителите на соседните села.
Мостот на Пчиња е изграден во 60-тите години од минатиот век од тогашната армија.