Општина Кочани ќе инвестира 2,3 милиони денари за ревегетација на исечените дрва за уредување на коритото на Кочанска Река


Општина Кочани ќе инвестира 2,3 милиони денари од сопствениот буџет за ревегетација на стеблата што ќе се исечат со проектот за регулација и уредување на коритото на Кочанска Река кај локалитетот Бавчалук.



Со тоа ќе се исполни преземената обврска за компензирање на урбаното зеленило што ќе биде изгубено или оштетено со проекот, а со кој е предвидено да се исечат 92 стебла од орев, топола, липа, багрем и други видови.

– За секое исечено дрво предвидено е засадување повеќе нови стебла чиј збирен пречник одговара на пречникот на секое отстрането дрво. Всушност, ќе се засадат вкупно 850 нови висококвалитетни стебла, од кои околу 500 ќе бидат зимзелени, а останатите се декоративни украсни сливи и каталпа. Новите дрвја ќе бидат со просечна височина од 1,5 метар и постари од шест години, за да се обезбеди нивно брзо прилагодување на теренот, истакна Александар Велков, овластен комунален инспектор во Општина Кочани.

Причина за отстранување на постојните дрвја е тоа што се наоѓаат во коритото на реката и на просторот на кој е предвидена изградба на пешачки патеки, а со својот коренов систем ја загрозуваат стабилноста на теренот.

За проектот за регулација и уредување на Кочанска Река, локалната самоуправа на Кочани инвестира над 10,5 милиони денари како грант од Светска банка. Со средствата ќе се уреди простор во должина од околу 450 метри во кој ќе се изгради поголемо корито со широчина од 12 до 15 метри, а во него помало, широко три метри. Со тоа ќе се подобри и пропусната способност на коритото кое ќе се ослободи од обрасната вегетација и импровизирани објекти.