Од утрe повторно ќе работи сточниот пазар во Облешево


Од утрe повторно ќе работи сточниот пазар во Облешево - МИА

Кочани, 4 мај 2020 () – Локалната самоуправа на Чешиново-Облешево од утре повторно ќе го отвори сточниот пазар во Облешево што беше привремено затворен во средината на март поради епидемијата од Ковид-19.



Со оглед што и понатаму во важност се мерките за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот, од Општината упатија апел до граѓаните да се придржуваат кон препораките од Министерството за здравство.

– Сите продавачи и посетители на пазарот задолжително да ги почитуваат мерките за заштита од пандемијата, односно да се придржуваат до упатството за минимална оддалеченост на тезгите од два метра, како и избегнување на задржувања на повеќе лица на една тезга. Исто така за сите присутни на пазарот ќе важи и мерката за задолжително носење заштитни маски. Сепак, забраната за продажба на свињи на сточниот пазар останува да важи и понатаму поради болеста африканска чума кај свињите, истакна градоначалникот на Чешиново-Облешево Горанчо Крстев.

Со отворањето на сточниот пазар во Облешево ќе почне со работа и зелениот пазар за прехранбени производи што беше затворен во исто време.

Сточниот пазар во Облешево е најголем и скоро единствен во источниот регион на државата, а пред неколку години се подготвуваше проект за негово осовременување, односно да има постојано присуство на ветеринарен лекар, како и похуман однос кон животните што се продаваат.