Клонот „Развигорче“ при детската градинка „Вера Циривири – Трена“ во Штип во летниот период ќе добие реконструирана кровна конструкција, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Проектот е аплициран од општината до Амбасадата на Република Словенија, а во следниот период ќе започне тендерската постапка за избор на економски оператор. На новиот кров ќе бидат поставени и фотоволтаици.
-Веднаш изработивме проект за реконструкција на кровот, со истиот аплициравме во Словенечка амбасада, деновиве склучивме договор во износ од 200.000 евра, 12.000.000 денари. Половина од парите ќе ги инвестира Општина Штип со општинските средства, а останатите ќе ги вложи Амбасадата на Словенија. Кровната конструкција ќе содржи и панел фотоволтаици, кои исто така ќе служат за намалување на трошоците на детската градинка, односно на овој клон, вели Јорданов.
Директорката, Ивана Ангеличкова, посочи дека тоа за нив ќе значи подобри услови за работа, како и за згрижување на децата. За време на реконструкцијата ќе има соодветна реорганизација, бидејќи клонот ќе биде целосно затворен.
-Да, ќе побараме дозвола да се затвори овој клон, веќе правиме план и шема, децата заедно со нивните воспитувачки и негувателки ќе бидат пренасочени во клонот „Другарче“, управната зграда, ќе бидат ослободени соодветен број на занимални и дечињата со нивниот тим ќе бидат згрижени кај нас во управата. Бројката на дечиња зависи од потребата на самите родители, знаеме дека летниот период бројот се намалува, меѓутоа ќе бидат згрижени сите дечиња кои имаат потреба, рече Ангеличкова.
Посочија дека кровната конструкција е стара речиси 50 години, бидејќи клонот „Развигорче“ е отворен во 1976 година, а во моментот во него се згрижени вкупно 230 деца.