Модернизација на уличното осветлување во Македонска Каменица


Модернизација на уличното осветлување во Македонска Каменица - МИА

Македонска Каменица, 18 јуни 2020 () – Започна модернизацијата на уличното осветлување во Македонска Каменица. Активностите, како што информираат од Општината, ќе започнат од селските средини, каде се поставуваат каблите за новото осветлување.


 

-Започнуваме со реализација на еден крупен проект, а тоа е модернизација на уличното осветлување, со што Македонска Каменица ќе добие едно од најквалитетните осветлувања. Со тој проект предвидена е замена на уличните светилки со ЛЕД штедливо светло. Првите активности од овој проект се предвидени во селските средини, каде најпрвин ќе се врши каблирањето во должина од 43 километри, истакнаа од Општината.

Со реализација на оваа активност, како што додадваат, Општина Македонска Каменица ќе биде една од првите општини, каде што ќе се спроведе модернизација на уличното осветлување.

 -Се работи за модел кој е прифатлив за нас како општина, а тоа е плаќање на моделот по заштеда. Онолку колку што ќе заштеди општината, а тоа не е малку, ако кажеме дека дневната заштеда со овој проект ќе биде 14.000 денари на дневна основа, тогаш можеме да заклучиме дека ова ќе биде навистина еден добробит за општината, додаваат надлежните.

Според планираното, со заштедата се очекува да се приберат пари за изградба на по една улица или еден локален пат, што според надлежните, од една страна значи голема придобивка во делот на модернизацијата на уличното осветлување, а од друга страна ќе значи и заштита на околината.