Матурски бал ќе се реализира утре на градскиот плоштад во Неготино, информираше денеска неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.
– Плоштадот во Неготино ќе пулсира во ритамот на матурскиот бал. Средното општинско училиште „Свети Кирил и Методиј“, во соработка со општината Неготино, ја организираат традиционалната манифестација „Матурски бал“, на која неготинските матуранти преку заедничко одигрување на танцот „квадрил“, ќе остават сопствен белег на настанот, појасни градоначалникот.
Стојанов додаде дека активностите се во пресрет на прославата на матурската вечер. Матурскиот бал ќе се одигра пред професори, најблиските роднини и пријатели и заинтересирани граѓани.
Според програмата, градоначалникот ќе ја прогласи манифестацијата за отворена и ќе има пригодно обраќање до матурантите, а честитки до матурантите ќе упати и директорот на училиштето, Ѓорѓи Ристов. Активностите на плоштадот ќе стартуваат од 11,30, а официјалниот дел на одигрување на квадрилот е од 12,00 часот.