Општина Битола во соработка со ЈП Паркинзи, по 25-годишен прекин, повторно го ставија во функција електричниот воз „Мечо“, атрактивна содржина за деца кои престојуваат во битолскиот градски парк.
Во активностите за враќање на традицијата како општествено одговорна компанија се вклучи и IWCONNECT, соопштија од Општина Битола.
-Возот „Мечо“, повторно стартува во Битола и тоа е еден мал придонес за градот, на задоволство на најмладите, на нивните родители, на сите кои се радуваат на овој настан. Би сакал да се заблагодарам на советниците од Советот на општина Битола, што ја поддржаа оваа иницијатива, на напорот кој го вложи ЈП Паркинзи, да тргне оваа наша мала битолска атракција. Ова е само една од сите добри работи кои ги правиме со заедничка соработка, како со јавното претпријатие, така и со бизнис секторот за што сакам да се заблагодарам на IWCONNECT за нивното вклучување и продолжување на соработката која ја започнавме минатата година. Поканувам и други општествено одговорни компании, да продолжат да работат на овој начин, а ние како локална самоуправа сме отворени за соработка, изјави градоначалникотТони Коњановски. Викендов за сите посетители во градскиот парк кои ќе изразат желба да се возат со возот „Мечо“ се одвива промотивна акција со бесплатно возење, информираа од ЈП Паркинзи-Битола и најавија нов проект, реконструкција на паркингот пред спортската сала во овој град.