Коцевски: Институциите во Велес ги почитуваат протоколите за Ковид-19


Коцевски апелира до ЕВН да помогне во потрагата по исчезнатото лице во велешко Белештевица - МИА

Велес, 8 октомври 2020 () – Претставниците на СВР Велес и на Државниот пазарен инспекторат редовно вршат контроли врз угостителските објекти и не се забележани прекршувања и непочитувања на пропишаните мерки за заштита од  Ковид-19, но сепак голем дел од младите во градот не ги почитуваат мерките и препораките произлезени од протоколите за заштита, посочи велешкиот градоначалник Аце Коцевски на денешната прес-конференција, пренесувајќи го заклучокот од денешната 25 седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.


 

-Состојбата во АРМ е на задоволително ниво, иако во моментов се реализираат обуки за професионални војници и во континуитет се следат препораките и се почитуваат мерките за заштита, рече Коцевски.

Информациите од Општинскиот Црвен крст Велес, додаде, се дека за разлика од почетните месеци кога паниката кај населението беше поголема, во овој период значително е намален бројот на телефонски повици и побарување за помош.

– Крводарителските акции се нормализираат, но сепак ќе бидат потребни дополнителни крвни единици во периодот кој следува, па затоа Општина Велес заедно со ОО на Црвен крст, во соодветни и безбедни услови ќе организира крводарителски акции со средношколците кои се четвртта година, најави Коцевски.

Тој посочи дека ЈКП „Дервен” работи соодветно според протоколите, а соработката со СВР Велес е на високо ниво.

-Пример за успешната соработка е функционирањето на Малиот пазaр во Нова населба, но потребно е поригорозно постапување на просторот на Градскиот пазар за сите оние кои не ги почитуваат мерките за носење лична заштита, односно заштитни  маски, потенцира Коцевски.

Воедно најави дека ќе има заеднички состанок со претставници на ЈКП „Дервен“ и на банките поради големите гужви и големите редици за плаќање на сметки, кои се прават при чекање пред банките во градот.

-Целта е заеднички да најдеме побезбеден начин на кој граѓаните побрзо и побезбедно ќе ги завршат своите потреби во филијалите на банките во Велес, рече Коцевски.

Инаку, од 24 септември до 7 октомври годинава СВР Велес издало 556 прекршочни патни налози на лица кои не ја почитувале одредбата за носење заштитна маска.