Општина Кочани ги почнува активностите за конзервација, реставрација и санација на архитектурата и за партерно уредување на Споменикот на слободата, за што објави јавна набавка за избор на на изведувач на градежните работи.
Санацијата на најголемиот мозаичен монумент на Балканот, лоциран на ридот Локубија во Кочани, е во рамки на проектот што се реализира со финансиска поддршка од над 254 илјади долари од Амбасадата на САД, преку грант од амбасадорскиот фонд за заштита на културно наследство.
-Според предвидените градежни работи во техничката спецификација на проектот, ќе се санира оштетената бетонска подлога, ќе се демонтираат и заменат подните облоги од мермер и травертин, а ќе се поправаат и оштетувањата на амфитеатралните и на пристапните скали со тераса и сценски партер. Исто така, ќе се изврши санација на оштетените вертикални ѕидни површини со чистење и пескарење на бетонските ѕидни платна и заштита од атмосферските влијанија. Со јавната набавка за овие активности се планирани над 8,2 милиони денари, а целта е да се подобри севкупната физичка состојба на Споменикот на слободата и да се вратат неговите суштински вредности и уметнички израз, истакнаа од Локалната самоуправа на Кочани.
Проектот опфаќа и конзерваторско-реставраторски работи на мозаичките фризови на Споменикот на слободата, како заштитено недвижно добро, а за што ќе има одделна јавна набавка.
Пријавувањето на заинтересираните изведувачи за конзервација, реставрација и санација на архитектурата и за партерното уредување на Споменикот е до 7 јули, а рокот за комплетирање на работите е шест месеци.