Како последица на чума, било формирано селото Горни Дисан


Како последица на чума, било формирано селото Горни Дисан - МИА

Неготино, 7 мај 2020  () – Како последица на чума, било формирано неготинското село Горни Дисан во минатото. Ова меѓу другото може да се прочита во книгата „Дваесет години земјоделски комбинат Венец Долни Дисан”, објавена пред повеќе години. До овие податоци дојде благодарение на семејството на некогашниот професор во неготинската гимназија Киро Андонов, кој бил дел од редакцискиот одбор.



Според тоа што го пишува во книгата, во 1794 година во Тиквешко се јавила чумата. Селаните од Долни Дисан го напуштиле селото и заедно со добитокот се отселиле, па формирале нова населба, која ја именувале како Горни Дисан. Кога чумата стивнала (1796 година), турските и неколку македонски домаќинства повторно се вратиле на старото огниште, додека извесен дел од нив останале како постојани жители на Горни Дисан.

Бег заштитувал христијани од зулуми на турски аскери

– Тогаш турските доселеници завладеале со сиот имот со кој располагало македонското население пред да го напушти Долни Дисан и станале најголеми богаташи во Тиквешко. Од нив произлегла прочуената фамилија Муратовци, подоцна наречена Рибаровци. Во реонот на Бошава, таа имала голем број чифлици со над 30 илјади овци и кози, а под ќезим го држела и Дојранското Езеро. Оттаму со риба ја снабдувала цела Тиквешија и јужна Македонија. По тоа и го добиле името Рибаровци. Од оваа фамилија произлегле неколку видни аги, бегови и оџи, кои биле почитувани не само во Тиквешко, туку и во целиот Солунски пашалук. Еден од нив бил и бегот Абдул Мурат, кој имал чифлици во Дојран и во Демир Капија, а бил личен пријател и на султанот. Тој бил многу популарен во Тиквешко, бидејќи го заштитувал христијанското население од честите зулуми што ги правеле турските аскери. Абдул Мурат бег бил во сродство и со фамилијата на Кантур-бег, една од најбогатите во Тиквешко. Кантур-бег имал чифлик во Сопот, Неготино, Курија и во селото Вардар Чифлик, со над 13 илјади овци и нешто кози и коњи, кои летно време ги чувал во Солунско, во месноста Платија, каде што било и стадото на Мурат-бег, а зиме во Тиквешко, за што биле изградени голем број трла. Од фамилијата Рибаровци произлегол и познатиот муслимански духовен поглавар Хаџи Јусуф. Тој бил личен пријател на поглаварот на Високата порта на Цариград, Хаџи Омер, пред кого се поклонувал и султанот Амид. Секоја година во август, Хаџи Омер доаѓал во Долни Дисан и кај својот пријател Хаџи Јусуф останувал на конак по 30 – 40 дена. Фамилијата Рибаровци, за разлика од останатите видни турски фамилии во Тиквешко, водела и родословно дрво за нејзиното потекло, за што постои предание дека го водел извесен Синан Мурат, кој учел во Цариград и се сметал за еден од најучените Турци во Тиквешко. Според тоа родословно дрво, кое било пренесено во Цариград при отселувањето на Турците од Долни Дисан по првата Балканска војна, фамилијата Рибаровци имала над сто свои членови, пишува во книгата.