Јавни површини во Кочани се реорганизираат во нови паркиралишта


Јавни површини во Кочани се реорганизираат во нови паркиралишта - МИА

Кочани, 18 август 2020 () – Општина Кочани продолжува со реорганизирањето на јавните површини во централното градско подрачје што во иднина ќе се користат како паркинг простор.



Во акцијата што почна кон крајот на минатиот месец опфатен е и просторот пред јужниот влез на Основниот суд во Кочани, кој ќе биде наменет за паркирање. Оваа јавна површина во центарот на градот е исчистена од обраснато зеленило и е израмнет, а отстранети се и хаварисаните возила што подолг период беа оставени овде.

Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани истакна дека со ова ја продолжуват акцијата за уредување на јавните површини во паркиралишта кои можат да придонесат за олеснување на движењето по сообраќајниците во Кочани.

– Во таа насока е и уредувањето на површината кај Железничката станица, под булеварот „Тодосија Паунов“, која е послана со гребан асфалт и може да прифати поголем број возила. Препорачуваме возачите да паркираат на овој простор под булеварот, за да се избегне метежот од возила на коловозт, рече Илијев.

Со соодветна сообраќајна сигнализација и патокази што ќе информираат за површините за паркирање, се очекува учесниците во сообраќајот да стекнат навики да не ги запираат или паркираат возилата на коловозите.

Активноста што ја презеде локалната самоуправа треба да го намали нередот и застоите во сообраќајот и на улицата „Никола Карев“ кај Основниот суд и на булеварот „Тодосија Паунов“.