Ликовното ателје при Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип ја отвори својата изложба. Ученици од основните училишта, кои се дел од ова ателје ги изложија своите дела на кои работеле подолг период, а ги повикаа и останатите соученици од Штип да им се приклучат во изразувањето преку ликовната уметност. Директорот на Центарот за култура, Горан Трајков ги покани сите професори да ги донесат своите ученици и да ја погледнат изложбата која ќе биде отворена една недела.
-Сакаме пред јавноста да ги информираме дека ја отвораме изложбата којашто е постојана на Центарот за култура од Ликовното ателје. Ги покануваме сите ученици од основните училишта да дојдат да ги видат своите соученици, како цртаат и какоработат. Изложбата ќе биде отворена цела недела, па така можат сите професори по Ликовна уметност да ги донесат учениците и да ја погледнат изложбата создадена од нивни соученици од основните училишта кои членуваат во Ликовното ателје, вели Трајков.
Промовирани и беа и укоричените драмски текстови, кои во 100-годишното организирано театарско движење биле поставени на сцената на штипскиот Народен театар. Текстовите како дел од мини-библиотека ќе бидат достапни за користење на заинтересирани ученици и останати граѓани.
-Воедно, сакаме да го претставиме и укоричувањето на драмските дела, во одбележувањето на 100 години ги укоричуваме сите драмски текстови коишто низ времето се поставени во Народен театар – Штип, што значи една библиотечна дејност и една библиотека којашто ќе биде од трајна вредност за нашиот Театар во иднина, рече Трајков.