Изградба на затворен пливачки базен и реконструкција на трим патеката во Кисела Вода


Изградба на затворен пливачки базен и реконструкција на трим патеката во Кисела Вода - МИА

Скопје, 12 јуни 2020 () – Во тек се работните активности за изградба на затворен пливачки базен во училишниот двор на основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ и реконструкција на трим патеката во oпштина Кисела Вода.


 

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски денеска извршија увид во работните активности кои почнаа уште на почетокот на минатиот месец и порачаа дека со изградба на овој базен ќе се подигне свеста кај најмладите, а и кај останатите граѓани за водените спортови.

Како што надополнуваат општинските власти, базенот го гради Агенцијата за млади и спорт, а ќе биде со широчина на корито 8,9 метри, должина 25 метри и длабочина од 0,8 до 1,2 метри. Габаритот на целиот објект е 31 x 21 м. Изградбата на базенот ќе чини 37.802.641 денари со вклучен ДДВ. Изведувач на градежните работи е фирмата Енерго инвест трејд – Скопје.

-Во истовреме Агенцијата за млади и спорт во соработка со Општина Кисела Вода, во должина од повеќе од два километри врши градежни активности за проширување и целосна реконструкција на трим патеката, лоцирана покрај железничките пруги. И со оваа голема инвестиција, жителите на Кисела Вода конечно ќе добијат подобри услови за спортување, рекреирање, прошетки и дружба. Проектот за реконструкција на патеката е на Општина Кисела Вода, информираат од општината.