Интензивно се гради новиот градски плоштад во Крива Паланка



Во Крива Паланка во тек се интензивни градежни активности, реализација на проектот за реконструкција на градскиот плоштад и градскиот парк во централното градско подрачје.


 

Плоштадот и паркот се реконструираат како дел од поголемиот проект „Крива Паланка – Источна порта на Европа (Фестивалска туристичка атракција)“, финанисиран со грант од Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија ИПА 2 и преку кофинансирање од страна на Владата на Република Северна Македонија.

-Проектот е администриран од страна на Светската Банка преку доверителски фонд, а дел финансии се учество на Општината. За овој проект на последната, 43-та седница на Советот на општината беше одобрен и дополнителен финансиски придонес за имплементација на потпроектот, во висина од два милиони денари за покривање на евентуални дополнителни трошоци. Паркот и плоштадот се градат со средства во висина од околу 662.000 евра, посочуваат од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка.

Според градоначалникот Мицевски, секој градски плоштад е срце на градот и токму затоа општината се посвети заедно со паркот да направи пристојна, европска градска инфраструктура за граѓаните на Крива Паланка.

Општина Крива Паланка го имплементира горенаведениот проект во рамки на Вториот повик „Инвестиции на подгрантови во инфраструктура со туризмот и поврзувања во дестинациите“ раководен од страна на Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од Европската Унија.