Хуман третман на бездомни кучиња во Македонска Каменица


Во Македонска Каменица продолжува праксата за хуман третман на кучињата-скитници. Од почетокот на Договорот за заловување и хумано третирање на кучиња, според однапред утврдена годишна динамика, досега како што информираа од Општината, извршено е заловување на вкупно 48 кучиња по пријави од граѓаните.
-Само при последното заловување извршено на 21 ноември 2019 година се заловени осум кучиња. Заловувањето го врши Ветеринарно-сточарски центар со кој согласно тендерската постапка, општината има склучено договор во врметраење од една година и направи план и динамика за спроведување на оваа активност, информираа од Општината.
Согласно Законот за заштита и благосостојба на животните како што додаваат, заловените кучиња првин се стерилизираат.
-Исто така Ветеринарно-сточарски центар „Тодор Велков“ врши нивна кастрација, а потоа се враќаат во средината од каде што се заловени обележани со жиг. Еднаш заловено куче, од страна на економските оператори не се третира повторно, велат надлежните.
За проблемот со кучињата скитници покрај дискусиите на седниците од Совет на општина Македонска Каменица, каде советниците редовно се запознаваат со начините и динамиката на делување, за овој проблем во повеќе наврати е разговарано и на седниците од Источниот плански регион на државата.
Според проектните кооринатори во ИПР доколку се почне со стерилизација, кастрација и вакцинација на 70 одсто од бездомните кучиња, проблемот ќе се реши во период од две години. Според нив потребна е волја да се постави систем за функционирање на привремени прифатилишта за кучиња скитници и нивен постојан третман.