Градинките во Гевгелија половично ќе бидат пополнети со деца


Градинките во Гевгелија половично ќе бидат пополнети со деца - МИА

Гевгелија,11 август 2020 () – Централната детска градинка од Гевгелија денеска ги демантираше гласините што се шират меѓу родителите дека повеќе нема да згрижува и сместува деца кои престојуваа во клоновите во Гевгелија и населените места, и потврди дека тоа и понатаму ќе го врши, но со намален капацитет поради новите правила што ги наметнува пандемијата со корона вирусот.


 

Заради заштита од вирусот и спречување на неговото ширење, протоколот за работа на градинките предвидува тие да продолжат да работат со 50 отсто од вкупниот број на деца што ги згрижувале до сега и тоа во групи составени од по 6 до 15 деца во зависност од нивната возраст.

Градинките во општина Гевгелија одлучија во новонастанатата ситуација приоритет за згрижување да им дадат на децата на самохрани родители кои се во работен однос и деца чии двајца родители се вработени и мора да се наоѓаат на работното место,а не да работат од дома.

– Поради кусиот временски период контактиравме со родителите и од нив побаравме да достават потврди од работното место како доказ дека се во работен однос. Моментно се разгледува нивната веродостојност и доколку се утврдат нерегуларности,можност за згрижување на деца ќе им биде дадена на други родители, велат од градинката.

До засегнатите родители беше упатен апел за разбирање и трпение бидејќи се разгледувале и други начини за работа на градинките со полн капацитет. им/