Георгиески: Присилна наплата по судска пресуда не е платена концесија


Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески најостро ги отфрли тврдењата на поранешените концесионери на плажите дека не добиле известување за отстранување на бесправно поставената опрема и објекти, како и дека имале платено закуп на просторот заклучно со 2021 година.


 

-Решението за отстранување на објектите е издадено уште во 2017 година, а последното известување за отстранување на објектите од страна на Општина Охрид е доставено до фирмата пред десетина дена, вели Георгиески притоа потсетувајќи дека јавноста преку медиумите неколку наврати беше информирана за целиот процес, со најава дека ќе следуваат активности за отстранување на плажите во градската зона и дека нема да има никаква селективност во постапките.

Во врска со изјавите на дел од концесрионирите дека бил изнајден начин за подмирување на закуп на земјиштето и дека имале платено кирија до 2021 година, Георгиески вели дека тоа е целосна лага, односно дека се работи за присилна наплата согласно закон и по основ на Судска пресуда по признание за стекнување без основ, со извршно решение.

-Се работи за минимален износ на наплатени средства кој е значително помал во споредба со износот кој би бил наплатен за реален закуп односно концесија на земјиштето. И покрај тоа што немале активен договор за концесија, непречено објавувале угостителска дејност, остварувале приходи и извршиле доградување и проширување на објектите со што узурпирале атрактивно земјиште од крајбрежјето и граделе платформи во езерото, вели тој.

Наместо да даваат, како што рече, паушални изјави со кои сакаат да ја извртат вистината во своја корист, тој ги повика поранешните закупци на плажи да разберат дека времето на незаконско работење на плажите е истечено како и оти нивните бизнис интереси повеќе нема да бидат над законите и интересите на Охрид.