Драмскиот аматерски фестивал во Кочани со помал број учесници почнува на 6 септември


Драмскиот аматерски фестивал во Кочани со помал број учесници почнува на 6 септември - МИА

Кочани, 25 август 2020 () – Педесет и седмото издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани ќе почне на 6 септември, во предвечерието на Денот на ослободувањето на градот, а претставите ќе се играат во викендите во текот на целиот месец, како и во првиот викенд од октомври.



Од Управниот одбор на фестивалот информираа дека наместо кон крајот на мај, кога традиционално се одржуваше манифестацијата, по неколкумесечното одложување поради епидемијата од Ковид-19, сепак одлучиле под мотото „Викај ура“ да ја организираат со почитување на сите протоколи за заштита и на учесниците и на публиката.

-За разлика од лани кога се пријавија 40 театарски групи, репертоарот оваа година е намален за половина, но тоа е разбирливо со оглед што на повеќето театарски ансамбли не им успеа да ги завршат веќе почнатите театарски претстави токму во периодот март-април, кога рестрикциите и мерките околу пандемијата беа во построга форма. Фестивалот ќе се одржи на отворено, на Споменикот на слободата и на неколку други локации во Кочани. Имаме најава на две премиери, на Интимен театар – Битола и на НУЦК „Бели мугри“ од Кочани, а како гости ги очекуваме Домот на културата од Виница, градскиот театар „Сцена 71“ од Свети Николе, театарската работилница од Прилеп, Драмското студио „Спотлајт“ од Штип, како и две претстави од Република Србија. Одлучивме фестивалот да има ревијален карактер и традиционалните награди што ги доделува тричлено жири оваа година ќе изостанат, истакна Дарко Спасов, претседател на Управниот одбор на ДАФ.

Покрај театарските претстави, на фестивалот ќе има и придружна програма во која е планирана вечер на љубовна поезија и концерт со акустична гитара и сликарска изведба во живо. Настап ќе имаат и членовите на Афористичарската репрезентација на Македонија, а за најмладите ќе се одржи претстава со марионети во градскиот парк.

Одржувањето на ДАФ и годинава е со финансиска поддршка од буџетот на Општина Кочани и од Министерството за култура. ир